Skip to main content
Македонија

Поставена нова сообраќајна сигнализација за поголема безбедност во општина Илинден

02/12/2024  14:46

Приоритет во работењето на локалната самоуправа во областа на патната инфраструктура е превенцијата во сообраќајот, односно зголемувањето на безбедноста на учесниците во сообраќајот, особено на најзагрозената категорија пешаците и велосипедистите. Во тие рамки е реализацијата на Проектот за подобрување на безбедноста во сообраќајот, патна сигнализација, пешачки патеки, кој има за цел подобрување на хоризонталната и вертикалната сигнализација, велат од oпштина Илинден.

Во таа насока на повеќе локации во Општината е извршено поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација, такашто извршено е обележење на потегот од раскрсницата кај клучка ОКТА кон населено место Миладиновци, Кадино и улица „500“ во населено место Марино до улица „8“ во Илинден, дел од улица „9“ и улица „534“, бележење на локален пат Мршевци – Ајватовци – Илинден, поставени се направи за смирување на сообраќај кај детската градинка, обележани се пешачките премини кај сите основни училишта и јавни установи, раскрсници и критични места.

Добрата патна инфраструктура, соодветната хоризонтална и вертикална сигнализација, но и почитувањето на сообраќајните правила и прописи се главен услов за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Затоа, во иднина ќе се продолжи со инвестициите во оваа област, ќе се работи и на поставување на нова вертикална сообраќајна сигнализација, но и со апел до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, зашто последиците од нивното непочитување можат да бидат катастрофални, соопшти oпштина Илинден.