Skip to main content
Спорт

Поранешниот кинески селектор осуден на 20 години затвор

13/12/2024  12:20

Ли Ти, еден од најпознатите кинески фудбалери и поранешен селектор на националниот тим е осуден на 20 години затвор поради корупција. Утврдено е дека Ти со години плаќал и примал мито за да мести натпревари, да избира играчи, па дури и да купува преноси од сопствените натпревари.

Според пишувањата на кинеските медиуми, Ти добил речиси 6,7 милиони евра мито од фудбалерите за да ги избере за националниот тим и да помогне во обезбедувањето нови договори. Тој платил дел од тие пари на клупските челници за да ја поддржат неговата номинација за селектор.

За време на неговото време како „газда“ на кинескиот фудбал, беше откриено дека покрај местењето натпревари биле скриени и милиони јуани од такси за трансферите на фудбалери.

„Многу ми е жал. Требаше да останам со „ладна глава“ и да се движам по вистинскиот пат. Тогаш одредени работи се сметаа за вообичаена пракса во фудбалот“, изјавил Ти.

Кинеската влада започна жестока акција против корупцијата во фудбалот. Целосен шок за јавноста беше кога истрагата откри дека Ти е поврзан со цела таа мрежа.

Ти во кариерата одигра 92 натпревари за националниот тим, постигна шест гола. Во кариерата играл и во Премиер лигата играјќи за Евертон и Шефилд јунајтед. Во Кина бил член на Лиаонинг и Ченгду.