Skip to main content
Македонија

Полицијата ќе казнува – мора да го имате ова во возилото

07/11/2024  19:48

Од 15 ноември започнува да важи задолжителната обврска за носење зимска опрема во возилата. Ако не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, а може да се соочи и со исклучување на возилото од сообраќај.

Под зимска опрема во Македонија се подразбира:

*Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или

*Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни помагала (синџири за снег).

*Синџирите за снег се поставуваат на погонските тркала.

Доколку возилото има погон на сите четири тркала, тогаш опремата е:

*Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри или

*Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни синџири за снег.

*Ако имаат постојан погон на четири тркала, синџирите се поставуваат на задната осовина.

*Ако имаат преклоплив погон, тогаш синџирите се поставуваат најмалку на постојано вклучената оска.

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „МС“, „М+С“, „М&амп;С“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Во патниот сообраќај, на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.

Законот предвидува полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема.

Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.