Skip to main content
Македонија

Петровска: Буџетот е за изборната година и задоволување на партиски интереси

16/11/2024  17:19

Предлог Буџетот за 2025 година е нереален, неразвоен, предизборен и за жал без визија. Но затоа е буџет на нови долгови и најава за изгубена година за економијата и граѓаните, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, при расправата за предлог буџетот за 2025 година, во собраниската комисија за финансирање и буџет.

Петровска нагласи дека во предлог буџетот не може да се види ниту еден нов позначаен проект за развојот на државата, освен продолжување на проектите започнати или планирани од претходната влада. 

И исто како со промоцијата на опремата во Армијата, коридоророт кој го гради Бектел и Енка, ваучерите за инверторите, субвенциите, сега веќе намалени, проектот за поставување камери за безбеден град, реновирањето на студентските домови итн., се проекти кои се започнати од претходната влада или Влади предводени од СДСМ, наведе Петровска.

Петровска истакна дека Владата предвидува раст на БДП за 2025 година од 3,7%, додека сите релевантни финансиски организации предвидуваат помал раст и не било изненадување ако говорите со оправдувања веќе се напишани и во кои се разбира виновник ќе биде опозицијата. 

Главен извор на финансирање на буџетот е задолжувањето, и за само 5 месеци оваа Влада со амин и аплауз на ова парламентарно мнозинство ја задолжи државата со рекордни 1,2 милјарди евра и во план е следната да не задолжи со нови 1,5 милјарда евра. Во ова задолжување влегуваат и парите од унгарскиот кредит, кој по содржината на договорот е темпирана бомба која скапо ќе ја платиме, нагласи Петровска.

Таа истакна дека во овој буџет е нагласена социјалната димензија, за сметка на развојната. 

И добро е што и платите, не доволно, и пензиите ќе се зголемуваат. Но тоа не го правите затоа што верувате во тоа, туку затоа што следната година е изборна година, рече Петровска, додавајќи дека  поткрепа на ова тврдење се изјавите на министерките за финансии и образование, кои прво велеа не за зголемување на платите, ама откако беа искарани и потсетени дека следната година ќе има локални избори, мораа да се корегиираат.

Петровска истакна дека со овој предлог е јасно уште нешто, а тоа е дека процесот на модернизација во Армијата, пред се за јакнење на одбрамбниот систем, но и за постигнување на целите на способност, ќе биде со намален интензитет, што се покажува со недоволното зголемување на буџетот на министерството за одбрана.

Буџетот е димензиониран за да се истера изборната година и да се задоволат партиските интереси, нит развој, нит визија, порача пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во обраќање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.