Skip to main content
Македонија

Откази за петнаесет полициски функционери поради незаконски издадени дозволи за оружје

15/11/2024  10:48

Петнаесет високи полициски функционери добија решенија за отказ поради незаконско издавање на дозволи за поседување на оружје, обелодени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција.

Министерот изјави дека до него и неговиот кабинет пристигнале претставки од граѓани за неправилности во постапките за издавање дозволи. „По извршена темелна истрага од Комисија која спроведе ревизија, се утврди дека над 5.000 предмети не биле постапувани, а во многу случаи дозволи биле издавани на лица кои не ги исполнувале законските услови,“ нагласи Тошковски.

Тој посочи дека селективноста и непочитувањето на хронологијата во постапките биле клучен проблем, додека конкретни функционери ги користеле своите позиции за да издаваат дозволи надвор од законските рамки.

Министерот најави дека ќе бидат поднесени кривични пријави против сите за кои ќе се утврди дека сториле кривично дело. Како долгорочно решение, воведена е дигитална алатка за неселективен и системски пристап во издавањето дозволи за оружје.