Skip to main content
Македонија

Орце Ѓорѓиевски: ЗЕЛС останува партнер на сите општини

29/10/2024  23:16

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето на “Топ Tема” на ТВ Телма, во дебата со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, истакна дека ЗЕЛС останува партнер на сите општини, и дека сите локални самоуправи се третираат еднакво без да се дозволи политичко мешање во нивното функционирање.

– ЗЕЛС останува партнер на сите општини и тоа е мостот меѓу локалната и централната власт. Со подадена рака може да ги надминеме сите проблеми. Вчера седнавме на маса заедно со моите потпретседатели Перо Костадинов од СДСМ и Висар Ганиу од Вреди, со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски за проблемите кои ги има и понудивме медијаторство за надминување на проблемите. Ме радува изјавата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов дека останува да членува во ЗЕЛС затоа што обединети општини можат да придонесат значително повеќе во соработката со било која централна власт, изјави Ѓорѓиевски.

Костадинов истакна дека ја цени посветеноста на ЗЕЛС за решавање на проблемите, затоа што секој проблем е решлив како и оној со водата во Струмица, посочувајќи дека напуштањето на ЗЕЛС е невозможно, поради потребното гласање во локалниот совет, а и поради користењето на апликациите и електронските системи на ЗЕЛС во делот на издавање градежни дозволи и продажба на земјиште.

– Мојата цел не е да го напуштам ЗЕЛС од што сакам да го напуштам или да алудирам на некаква непочит кон колегата Ѓорѓиевски или било кој друг градоначалник. Алармот за проблемот со водата за пиење е вклучен за да пристапат централните органи за надминување на состојбата, изјави Костадинов.