Skip to main content
Македонија

СДСМ: Орекстриран страв за бегање од одговорност- кукавички обид на ДПМНЕ за префрлање вина врз СДСМ

30/11/2024  10:41

Интегрален текст од соопштение за јавност на СДСМ:

Лажните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ стои зад вчерашниот настан се срамен и кукавички обид за префрлање на вината за сопствените неуспеси. 

За жал овие обиди имаат јасна и подмолна цел – да ја покријат неспособноста на Владата и Министерството за внатрешни работи да го заштитат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.

Страшно неодговорно и поразително е во ситуација на подигнати тензии наместо пораки на смирување и обединување, Мицкоски да прави политички поделби. Опасно е да се потпалуваат граѓаните кога е потребно лидерство и храброст да се смират страстите. 

Наместо да се соочат со фактот дека институциите потфрлија во превенција на хаосот и да преземат одговорност, Мицкоски и неговата партија одбраа да шират паника и да манипулираат со јавноста со своето познато сценарио за дестабилзизација. 

Ова е уште еден доказ за нивната неспособност да се справат со кризни ситуации, но и за опасните намери да го поларизираат општеството за политички поени. Тоа што Мицкоски го прави е оркестрирање страв за избегнување одговорност

Во изминатите месеци, Мицкоски постојано пласира сценарија за „дестабилизација”, создавајќи атмосфера на страв и несигурност. Тој сега се обидува на вчерашните настани да ја надоврзе својата приказна за хаос, обвинувајќи ги сите, освен оние кои навистина треба да понесат одговорност – него и неговата неспособна влада. 

СДСМ не дозволува поларизација и манипулации. СДСМ отсекогаш работела за заштита на државните интереси, граѓаните и државноста. Нашата партија никогаш нема да дозволи да биде вовлечена во сценарија на поделби и дестабилизација. 

Обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја префрлат вината врз СДСМ се навреда за интелигенцијата на граѓаните. Ваквите обвинувања нема да ги сокријат нивните пропусти, туку само ќе го зацврстат сомнежот дека дестабилизацијата не е сценарио, туку политички инструмент на власта.

СДСМ е посветена на зачувување на мирот, безбедноста, меѓуетничките односи и соживотот во земјата. Ги повикуваме граѓаните да не потпаѓаат на провокациите и манипулациите на власта. Ги повикуваме сите граѓаните да останат смирени и да не долеваат масло на огнот ниту да посегнуваат по било каква форма на провокации. 

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ итно да престанат со опасната реторика на поделби и страв, и конечно да ја преземе одговорноста што ја носи неговата функција.