Општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиони евра годишно, се наведува во најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации. Општините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати, имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавни набавки.
Само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати.
Министерствата на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра.
Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно.
Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат.
Од министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се за финансии, а по него за правда и труд.
Поединечно, најмногу пари му се исплатени на адвокатот Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година.