Skip to main content
Македонија

Општина Карпош додели парични стипендии за 85 основци – талентирани ученици и спортисти

31/10/2024  16:23

По повод одбележување на 48 годишнината од своето постоење, општина Карпош денеска награди 85 основци од Карпош со осуммесечни парични стипендии, кои традиционално ги доделува секоја година. На денешната манифестација која се одржа во ООУ „Петар Поп Арсов“, присуствуваа и претставници од Секторот за дејности од јавен интерес, одделенијата за образование, култура и спорт, како и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода им ги врачи решенијата за стипендии на најталентираните ученици и спортисти.

– Особено сум горд што оваа година имаме освојувач на златен медал на Светски шампионат во математика. Сите трошоци ги покривме ние, како Општина, а тој се врати со медал. Сиве овие години како градоначалник ме прават среќен случајните средби со некои граѓани, кога ќе ми кажат дека биле поранешни стипендисти на Општина Карпош. И сега тие станале дипломирани доктори, инженери, или сеуште се на студии, значи дека ние сме ги насочиле средствата на вистинско место и сме дале само еден поттик кон нивниот личен напредок. Нашата цел е да им покажеме на помладите сограѓани дека ако вложат дополнителни напори и работат вредно, дека локалната самоуправа секогаш ќе го валоризира нивниот труд, истакна пред присутните, градоначалникот Јакимовски.

Поточно, 51 талентиран ученик од VIII и IX одделение добија осуммесечни стипендии од кои 22-ца влегуваат во прва категорија и тие ќе добиваат месечна стипендија во висина од 3.500 денари, додека пак 29 ученици ги исполнија критериумите за добивање на стипендија од втора категорија чија месечна вредност изнесува 3.000 денари.

Покрај нив, 34 талентирани основци – спортисти од Карпош добија осуммесечни стипендии, од кои 28 од нив се класифицирани во прва категорија, што значи дека ќе добиваат месечен паричен надоместок во висина од 3.500 денари. Шесторица талентирани ученици – спортисти ќе добиваат стипендија од втора категорија, која изнесува месечно по 3.000 денари.

Во рамки на денешната манифестација во пресрет на 48 – миот роденден на Општина Карпош (3. ноември), градоначалникот Јакимовски им ги врачи наградите и на шесторицата основци кои победија на литературниот и ликовниот конкурс (за одделенска и предметна настава), кој се одржа на тема „Приказна за мојата општина“. Локалната самоуправа ги награди прворангираните со парични средства во висина од 10.000 денари, второрангираните ќе добијат 6.000 денари, додека пак треторангираните освоија по 4.000 денари.

Првиот човек на општината им ги врачи наградите на осум ученици и 10 наставници – ментори во вид на еднократна финансиска поддршка во висина од 7.500 денари поединечно, за постигнатите резултати во областа на образованието. Станува збор за осум основци од Карпош кои го освоија првото место на државните натпревари кои беа организирани од акредитирани здруженија, од областа на природните науки, англиски и германски јазик, математика, хемија и музичко образование.