Skip to main content
Македонија

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

29/11/2024  21:23

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор против три лица во скратена постапка, по произнесување на осомничените, кои доцна попладнево беа спроведени во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на тројцата им определи 8 дневен притвор, заради опасност од бегство и повторување на делото, информираат од Кривичниот суд.

Приведените лица, се вели во соопштението, се сомничат за кривчното дело од чл.319 ст.1 од КЗ, а поврзани со вчерашните настани во кои беа уништувани национални симболи и државното знаме.

ЈОРСМ, претходно информираше дека Основното јавно обвинителство Скопје, повело постапка против три полнолетни лица за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик, додека против уште едно малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата.

-Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булевар „Крсте Мисирков“ во Скопје, по завршување манифестација на плоштадот Скендербег по повод прослава на денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

За полнолетните осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.