Skip to main content
Македонија

Никој не го пријавува инцидентот на Апасиев во Собранието, Гаши сака да остане неутрален

28/11/2024  13:20

Претседателот на Собранието, Африм Гаши истакна дека неопходен е нов Етички кодекс за работата на Собранието.

-Се согласувам дека треба нов Етички кодекс на Собранието за да ги зајакнеме укажувањата и кога ќе се констатира дека некој го прекршил да има поголеми последици. Во фаза сме да имаме компаративна анализа од другите собранија како тоа е уредено за да видиме кој меѓу етичките кодекси е најсоодветен за нашите прилики. Јас сум многу посветен на тоа да го подигнеме кредибилитетот и достоинството на Собранието. Од првиот момент откако седнав на тоа столче укажувам на Етичкиот кодекс, сакаме да го примениме тој Кодекс, потоа сакаме да донесеме и нов кодекс уште подобар, но сепак тоа останува до совеста на секој пратеник. Секој пратеник во моментот кога ќе стапне на говорницата како ќе настапи, јас можам да го прекинам, да го опоменам, но сепак останува на совеста на пратениците. Жалам што има такви сцени во Собранието. Јас се чувствувам лошо и непријатно во тоа и не би сакал да се повторуваат таквите сцени. Работиме со сите групи и јас лично да се смири тонот и да се подобри комуникацијата, ќе видиме дали ќе успееме, но јас лично работам со сите пратенички групи да немаме таков тон и такво однесување, рече спикерот на денешниот брифинг со новинарите.

Околу инцидентот што се случи минатата недела во Собранието помеѓу пратеникот на Левица Димитар Апасиев со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Гаши нагласи дека за тој случај е надлежна собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која се активира по пријава од најмалку еден пратеник

-Треба некој да го пријави настанот за да може Комисијата на седница да констатира дали имало прекршување на Етичкиот кодекс. Според моите сознанија, се уште нема таква пријава, но знам дека се зборува во Собрание меѓу пратениците да има некаква постапка за тој инцидент. Според мене, во Кодексот јасно и децидно се кажува што значи мало и големо прекршување и повреда на Кодексот. Според мене, имаше тешка повреда на Етичкиот кодекс, но тоа треба да се констатира на Комисија, рече тој.

Но прашање зошто тој не покренува таква иницијатива оти и тој е пратеник, Гаши потенцира дека повеќе сака да остане неутрален и да биде човек кој зближува.

-Јас имам право, но во својство на претседател на Собрание се гледам повеќе како човек кој зближува и сакам да останам неутрален. Очекувам од пратениците тоа да го направат. За угледот на Собранието, тој инцидент е голема катастрофа. Јас многу жалам што се уште може да се слушне таков тон во Собрание. Тој е моделот кој ние им го прикажуваме на граѓаните. Сметам дека граѓаните не не делат, тие велат пратениците, Собранието. Тоа значи дека ве вклучува и мене. Не сакам ниту еден граѓанин да ме перцепира како човек кој се однесува така. Јас никогаш во животот никого не сум пцуел, рече Гаши посочувајќи дека најголемата „казна“ е тоа кога една комисија констатира дека некој постапил неетички.

Спикерот Гаши најави дека од утре и во следните секои петоци ќе ги почнат посетите на општините за, како што рече, да помогнат да се зголеми бројот на отворени канцеларии по општините.

-Канцелариите на пратениците во општините е одредба или процес на кој сме многу посветени. До минатиот месец беа 25 канцеларии, овој месец се отворија уште седум. Од утре ние ќе почнеме да ги посетуваме сите општини, да сензибилизираме и да помогнеме да се зголеми бројот на отворени канцеларии по општини. Мислиме дека тоа е многу битно за граѓаните, за пратениците, за непосредниот контакт што треба да го имаат граѓаните. Не сите граѓани имаат можност да дојдат во Скопје во Собранието да ги потпрашуваат пратениците и затоа можат во своите општини во тие канцеларии да ги сретнат пратениците и да се интересираат за своите потреби и прашања кои ги имаат, рече тој.

Информира дека заедно со НДИ веќе во функција е алатката е-регистар на организации каде заинтересираните невладини организации ќе можат да се пријавуваат за да учествуваат во дебата за одреден закон.

-Заедно со НДИ веќе имаме инсталирано и во функција е една алатка многу важна за мене и за сите граѓани и за Собранието особено затоа што сите невладини организации и сите заинтересирани страни можат да се пријават, да се регистрираат и да искажат заинтересираност за одредена област и во моментот кога во Собрание ќе има закон, јавна расправа, дебата, надзорна комисија за одредена област сите тие невладини организации се информираат, имаат нотификација и може да учествуваат во дебата. Тоа мислам дека ќе ја зголеми многу транспарентноста и ќе ја зголеми вклученоста, а со тоа јас сум убеден дека и квалитетот на донесување на закони, рече Гаши.