
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека добил пријава на бројот за итни случаи 112 од жител на кочанското село Видовиште дека е во многу лоша здравствена состојба и поради неподвижност три дена не консумирал храна и течности.
По неговото барање „надлежните институции да се заинтересираат за неговиот случај и да преземат соодветни мерки“, ЦУК контактирал неколку институции за „итно да излезат на терен“, при што од Итната медицинска помош Кочани и СВР Штип одговориле дека немаат надлежност да интервенираат.
Контактиран бил и Црвениот крст Скопје, како и претседателот на ОО Црвен крст Кочани кој, како што наведува ЦУК, известил дека во текот на денот преку нивните волонтери ќе биде доставена храна и вода до болното лице во с.Видовиште.
-Контактирано е со директорот на Јавно комунално претпријатие „Водена кула” од Зрновци и од нивна страна е испратено лице во манастирот во с. Видовиште од каде што ќе биде однесено јадење и други потреби на пријавителот. На првиот работен ден (вторник) лицето ќе биде посетено од одговорни лица од Центарот за социјални работи Кочани за преземање мерки во нивната надлежност, соопшти ЦУК.