Skip to main content
Спорт

НБА куп: Оклахома го елиминира Далас, Милвоки го победија Орландо

11/12/2024  10:45

Милвоки и Оклахома се првите две екипи кои обезбедија учество во полуфиналето на НБА Купот, чие финале се одржува во Лас Вегас. Бакс го совлада Орландо со 114:109, додека Тандер беа подобри од Далас со 118:104.

Дуелот меѓу Оклахома и Далас беше практично решен во третата четвртина. На полувремето Оклахома имаше плус три, а потоа ја доби третата четвртина со 33:19 и преднпст од 17 поени влезе во решавачкиот период. Мавс до крајот успеаја само малку да ја намалат разликата.

Клучот за триумфот на Тандер лежи во тоа што ги сопреа Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг, главните ѕвезди на тимот од Тексас. Лука забележа 16 поени и 11 скока, додека Ирвинг имаше 17 поени. Поефикасни од двајцата беа Маршал со 19 и Томпсон со 18 поени.

На другата страна блескаше Шеј Гилџис-Александер со 39 поени и осум скока. Го следеше Џејлен Вилијамс со 18 поени.

Многу понеизвесен беше дуелот меѓу Милвоки и Орландо. Бакс во самиот финиш го скршија отпорот на Меџик. Адетокунбо постигна 37 поени и седум скока, а Лилард забележа 28 и девет асистенции.

За тимот од Флорида, Сугс броеше до 32. Треба да се каже дека Орландо беше без најдобрите играчи Франк Вагнер и Паоло Банкеро.

Ноќта меѓу среда и четврток ќе се одиграат преостанатите две четвртфиналиња од НБА купот во кои ќе се сретнат Атланта – Њујорк и Хјустон – Голден Стејт.