Skip to main content
Музика

На Скопје му недостасуваше Калиопи: Бура од емоции и спектакл кој траеше 3 часа (ФОТО)

21/10/2024  12:26

По долги години пауза, во саботата (19 октомври), поп дивата Калиопи одржа спектакуларен концерт во Скопје. Арената Борис Трајковски беше претесна да ги собере обожавателите на Калиопи кои ги имаше од 9 до 99 години, а до последен момент се бараше билет повеќе.

Како што и најави, уште со првата песна Калиопи експлодираше од емоции на сцената, а се чини обожавателите секоја песна и секоја нота ја впиваа во себе и со големи емоции и громогласен аплауз и возвратија на љубовта која поп дивата им ја даваше цели три часа преку песна.

Спектаклот започна со песната “Обои ме”, продолжи со “Не ми го земај времето” и уште неколку од постарите хитови со кој Калиопи блесна во 90′ тите години, а потоа ги претстави и најголемите хитови од поново време, од нејзините албум снимени на српски и хрватски јазик, како “Мелем”.

Пред да ја испее песната “Вучца”, таа на фановите им рече дека и кога повеќе нема да ја има физички меѓу нас ќе можат да ја пронајдат токму во таа песна.

Низ солзи им се заблагодари на фановите за целата љубов што и ја даваат, истакнувајќи дека вечерта уште долго долго ќе ја памети.

На сцената промени два аутфити во кои изгледаше прекрасно. Најпрво беше облечена во долг црн фустан од тул и кожна јакна, а подоцна се појави во дводелен црно бел костим.

Како што најави на концертот имаше двајца гости, Слаткаристика и балканскиот шармер Жељко Самарџиќ со кои неодамна сними дует песни (“Казна” и “Знам”) кои на концертот премиерно ги испеја во живо во Скопје.

Слаткар и се заблагодари на публиката затоа што со доаѓањето на концертот докажа дека ја бираат културата и музиката, а воедно и предочи и на Калиопи дека македонската публика е желна за нејзиниот глас и песни.

По настапот на Самарџиќ, Калиопи запеа и неколку балади како “Не заборавај” и неколку песни од нејзини колеги и колешки, а секако најзапаметен дел беше пеењето на песните “Македонија” и “Македонско девојче” на кои публиката буквало од секаде беше на нозе.

Продолжи со своите најголеми хитови како “Дали ме сакаш”, “Дај да пијам”, додека на срцепарателната “Месечина” фановите направија ѕвездено небо и заедно во еден глас ги пееја стиовите од песната.

Поп дивата дури два пати се врати на бис, па токму за крај ги остави највпечатливите песни во нејзината кариера, евровизиската “Црно и бело”, како и нејзината најпозната и веројатно најмоќна песна “Роџени (Бато)”, кога на сцената и се придружи и Роме Грил. Токму со оваа песна сцената експлодираше од емоции, а публиката ја награди со громогласен аплауз кој траеше неколку минути, со што концертот официјално заврши.

На самиот крај Калиопи изјави дека обожавателите и покажале дека навистина им недостасувала сите овие години истакнувајќи дека и на неа и недостасувала македонската публика уште повеќе, па најави почести средби наскоро.

Наталија Јосифоска