Skip to main content
Македонија

НАЈАВА ЗА ЗИМСКИ ТЕМПЕРАТУРИ, ДОЖД, СНЕГ И СЕВЕРЕН ВЕТЕР: Викендов доаѓа голема промена на времето!

11/12/2024  18:48

За време на викендот кој што ни доаѓа, нашата Македонија ќе биде зафатена од нов влажен воздушен бран од запад кој ќе услови нови врнежи од дожд а на планините врнежите ќе бидат од снег, каде постојаната снежна покривка ќе се зголеми. За време на овој бран на врнежи, тие ќе бидат пообилни во западните предели, и локално ќе наврнат над 15 литри дожд на метар квадратен.

MK Summit

Поради спуштање на значително поладна воздушна маса од север, во недела на 15 Декември, врнежи од снег ќе има и на повисоките места со надморска височина од околу 1000 метри. Сепак, поради дополнителното заладување, во недела навечер и ноќта кон понеделник, односно 15 спрема 16 Декември врнежи од снег ќе има и на местата со надморска височина од под 1000 метри, па така не се исклучува можноста провејување на снег таа ноќ да има понекаде и во градовите, особено во западните и во северните предели од Македонија.

Во недела попладне и навечер, а особено во понеделник на 16 Декември ќе дува засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час).

Што се однесува до температурите тие во сабота ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени, додека во недела тие ќе бидат уште пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 1 до 8 степени.

Во понеделник наутро ќе биде значително постудено со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од -6 до 1 степен, додека на високите и планинските места тие ќе се спуштат до околу, па и под -10 степени. Максималните дневни температури во понеделник ќе се искачуваат во интервалот само од -1 до 7 степени.