Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска со сведочењето на Дејан Димовски, началник за насилен криминал во СВР Скопје (убиства, силување, грабнување, семејно насилство).
На 27 ноември, кратко време по грабнувањето меѓу 7 и 7.30 часот тоа утро, Вања е убиена и закопана.
Во досегашните сведочења, полицајците раскажуваат како почнале да ја бараат Вања дури вечерта по 18 часот, без да знаат дека таа е убиена уште сабајлето, но обвинителката ги прашува во насока на докажување вина на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, а и на другите обвинети.
Началникот одговараше дека проверки му правеле на некое лице од Шведска, виртуелен дечко на Вања, кој имал закачено и знамиња на ИСИС, па го викнале и интерпол за да проверат кој е младиот човек и да не избегала случајно Вања кај него. Два дена изгубиле за ова додека таа лежела мртва.
Покрај Ѓорчевски, првообвинет за двете монструозни дела е Љупчо Палевски, како и Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски.
Ги гледавме камерите на сејф сити. Заклучивме дека девојчето нема шанси пешки да ја напуштило зградата. Зашто ако излезете пешки, ќе ве фати камерата на сејф сити. Ги анализиравме овие состојби за да видиме случајно да не избегало девојчето, за да ги вразуми родителите. Истовремено, одделението за крвни деликти водеше друга истрага, за запаленото возило на 27 ноември во селото Бразда дента кога исчезна Вања, знаевме, ама не го поврзавме тоа со девојчето”, раскажуваше началникот.
Но, следните часови, на снимки најдени во Чучер Сандево, колегите го виделе „цитроенот“ на камера, како поминува со пикап зад него во придружба.
„Имавме интензивна комуникација со родителите на Вања, цело време. Александар ми се јави. Ми рече: ‘Имам едно интересно возило. Да го проверите?’. По 10 минути ми прати слики, кои ние веќе сме ги имале, откај фризерницата. Но тој го посочи како сомнително. Истото возило беше и кај бензинската беше фатено, знаевме кое е, на патот кон Партизанска одеше. Излезе дека е велешкиот цитроен, запалениот дека е”, сведочеше началникот.
На прашање на обвинителката, тој одговори дека Александар Ѓорчевски не му кажал зошто му е сомнително. Додаде дека Александар, таткото на Вања, му кажал: „Видете го и ‘кангуто’ пикап, сомнително е и тоа”.
Потоа Александар му се јавил и му рекол: „Мило ми е ако ви помагам, ама видете да не е вмешано некое возрасно лице, од Охрид, од Велес”.
Началникот рече дека цитроенот веќе го поврзале со исчезнувањето на Вања и сега се присети дека баш Велес му го нагласил.
Кога колегите го изгуглале ‘кангуто’, ги одвело до политичката партија „Десна”, на Љупчо Палевски. Сопственичка на возилото била жена од Исланд, чиј сопруг му го донирал на Палевски.
Налог за претрес од обвинителот добиле дури на 2 декември.
„Кога влеговме внатре, беа тројца, Влатко Кешишев беше меѓу нив. Рече, ве чекавме, кај сте. Прашавме кај ви е претседателот. Ни кажа отишол во Белград, има проблеми со кичмата, ќе оди за Турција потоа”.
Адвокатот кој присуствуваше на претресот, кажа дека тој го однел во Белград. Палевски му кажувал на адвокатот дека забележал оти го следи велешки „цитроен“.
Претресот завршил, го подигнале пикапот за вештачење.
„Што ви кажа Александар, откај ги набавувал снимките?”, праша обвинителката.
„Тој ни ги носеше истите снимки ние што ги имавме. Му помагаше еден Гоце, негов кум. Палевски и’ бил зет на првата братучетка на мајката на Гоце”, кажа сведокот.
Го привеле Кешишев со уште двете други лица. Сè уште не ги имавме поврзано настаните. Мислевме дека ќе го расчистувавме исчезнувањето на Панче Жежовски и палењето на возилото.
Ги ослободиле останатите, Кешишев останал во станица. Рекол дека живее кај Палчо, му готвел, кафе му варел.
„Спомнуваше некој Веља од Велес. Се гледаше дека нешто крие човекот. Излезе дека тој Веља е Велибор Манев. Проверуваме понатаму, излезе дека Веља живее на истата улица со Панче. Претресот се случи по полноќ. Колегите од Велес ни кажаа дека Велибор Манев паднал во несвест. Го прибрале, го донесоа во Скопје”, кажа сведокот.
Го викнавме Кешишев, му кажавме дека ‘ги имаме’. Му рековме, кажи сега полека сè“. ‘Јас не сум човек. Јас имам учество во ова. Сме оделе со Палчо накај Бразда, ми покажуваше објект, ќе градел нешто’. Се кршеше човекот. Ќе нè однесеш ли таму? ‘Ајде ќе ве однесам’”, сведочеше началникот.
Стигнале во Бразда. Се качиле на една височинка. Уште не можел да им каже. Им кажал ќе ги носи некаде пак. Ги однел кај запалениот цитроен.
„Се плашам од Палчо. Има многу луѓе во полиција, ќе ме кажат, ќе ме убие”, им зборел Кешишев.
Пак седнале во кола, па по некое време продолжиле пешки по земјен пат. Уште не знаеле што бараат, оделе на голема површина.
„Дај биди човек!”, му рекле полицајците.
Почна само со главата да покажува на перници, мушама и куфер. Виделе дека земјата е ровка.
„Копавме, Кешишев се сврте со грб. Потоа дојде и тој да копа, со еден стап”, рече сведокот.
„Се појави нешто бело, лицето на девојчето. Се расплакавме. Се јавивме на обвинителството, бевме во шок сите”, кажа тој.
„Дали забележавте нешто кога го извадивте телото?”, праша обвинителката.
„Кога го извадивме телото, девојчето беше како живо. Рацете и нозете ѝ беа врзани со стега. Исто така, на устата имаше лента. Но, девојчето беше како живо и тоа беше многу чудно. Беше 3 декември”, раскажуваше сведокот.
Кога се вратиле назад, Веља им кажал и за друго убиство и оти ќе оди телото да им го покаже.
На сведочењето на началникот, таткото на Вања седеше сосема смирен, без реакција.
Според обвинението, прво на 22.11.2023 обвинетите извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .