Skip to main content
Свет

Наришкин: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади врз Русија нема да помине неказнето

20/11/2024  12:31

Обидите на одредени земји од НАТО да ги олеснат украинските напади длабоко на руска територија со обезбедување ракети со долг дострел нема да останат неказнети, предупреди денеска директорот на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација, Сергеј Наришкин.

MK Summit

Тој посочи дека проширувањето на листата на причини за руската употреба на нуклеарно оружје практично гарантира дека Русија не може да биде поразена на бојното поле, пренесува РИА Новости.

„Нашите непријатели се принудени да признаат дека решеноста на рускиот претседател цврсто да ги брани фундаменталните интереси на земјата со сите расположливи средства го стеснува просторот за маневрирање на Вашингтон и на Брисел“, изјави Наришкин во интервју за руското списание „Национална одбрана“.

Ажурираната доктрина предвидува дека основата за нуклеарен напад може да биде агресија врз Русија и нејзините сојузници од која било ненуклеарна држава со поддршка на нуклеарна држава, како и масовен воздушен напад со ненуклеарни средства, особено беспилотни летала.

Рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе се направат измени во документот уште во септември оваа година, кога Западот првпат почна да ја разгледува можноста за длабок удар во Русија.

Министерството за одбрана на Русија во вторникот објави дека украинските вооружени сили минатата ноќ извршиле напад со шест балистички ракети ATACMS во областа Брјанск.

Светските медиуми во неделата објавија дека САД одобриле Украина да користи крстаречки ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко на руска територија.