Skip to main content
Македонија

МОЌЕН СЕКУНДАРЕН ЦИКЛОН ЌЕ СЕ РАЗВИЕ НАД БАЛКАНОТ: Од среда ќе ни донесе обилни дождови, силен ветер, а потоа и снег!

16/11/2024  19:58

Метео анализа на Славчо Попоски:

Сега подетална анализа околу најавената нова голема промена на времето која ни следува следната седмица, потрочно од среда 20.11.2024. Поради спуштање на многу ладен воздух од север, во среда на Балканот ќе се развие моќен секундарен циклонски систем кој ќе услови голема промена на времето и обилни врнежи кои најпрвин ќе бидат од дожд, а сето ова ќе биде проследено и со бурен ветер (локално со брзина од над 80/90 км/час).

Поради заладување од среда, најпрвин во земјите од регионот врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег, како на планинските, така  и во населените места (градовите). Меѓутоа, на планините ќе се формира првата значителна снежна покривка за оваа сезона. Помала снежна покривка ќе има понекаде и во градовите.

Овој циклон во Македонија исто така ќе услови обилни врнежи од дожд, особено од среда ноќта  кон четврток и во четврток. Најпрвин ќе дува силен ветер од јужен и од југозападен, а во четврток од западен и од северозападен правец (повремено и локално со брзина од над 80 км/час). Во четврток поради позначително заладување, на повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег, со што ќе се формира нова снежна покривка. Повремен снег во четврток ќе има  и во некои пониски места (градови).

Што се однесува до температурите, во почетокот на следната седмица тие ќе бидат во помало покачување, а веќе во четврток повторно нагло и значително ќе опаднат.

Овој ладен бран следната седмица на многу места во регионот ќе донесе многу ниски температури, кои наутро на повеќе места ќе се споуштаат до околу -10 степени, додека на повисоките места и на високите планини тие ќе се спуштаат до околу, па  и под -15 степени. Многу студено ќе биде  и преку ден па така на могу места температурите едвај ќе надминуваат нула степени, а понекаде ќе останат и под нулата.

Што се однесува до температурите кај нас, во почетокот на следната седмица ќе се искачуваат во интервалот од 9 до 15 степени, додека во четврток нагло ќе опаднат и ќе се искачуваат од 3 до 10 степени, а дополнително заладување ќе имаме во четврток доцна попладне  и навечер, па така во петок наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од -7 до 2, а на високите места и планините тие би можеле да бидат и пониски.

После оваа голема промена на времето, следува уште еден продор на студен бран, но овој нов продор барем одсега гледано ќе биде уште посилен и со уште пониски температури.

Понатаму во следните мои метео објави следува нова и по потреба обновена детална анализа токму околу оваа голема промена на времето.