Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Ставањето на Груб и Беџети на „црната листа“ е потврда на она што го кажавме

10/12/2024  14:50

Премиерот Христијан Мицкоски зборуваше за ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети на црната листа на САД поради корупција и мешање во судството. Мицкоски рече дека ова е потврда за тоа што го зборувале кога биле во опозиција.

„Во однос на ажурираниот список со санкции на САД, на кој беа вклучени двајца граѓани од нашата земја, ги имате и причините зошто тие практично се дел од оваа листа со санкции. Во изминатиот период многупати сме зборувале за сето ова, што веќе и официјално е забележано од нашите стратешки партнери, меѓународната заедница. Можам само да кажам дека во наредниот период ќе има многу потврди за се што се сомневавме и јавноста ќе биде информирана“, рече премиерот Мицкоски.

Тој рече дека очекува да дадат одговори на сите кои се сторители на кривични дела.

Инаку, американскиот Стејт департмент вчера објави дека воведува санкции за поранешниот вицепремиер на Владата на Северна Македонија, Артан Груби и судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети, поради нивната вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примиле мито за да ја поткопаат судската постапка поврзана со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (ДСК).

По објавувањето на одлуката, реагираа и ДУИ, од каде порачаа дека ја почитуваат и дека ќе останат посветени на соработката со САД.