Skip to main content
Економија

Мицкоски дојде на власт ама платите на функционерите не ги намали

29/10/2024  18:45

Како опозиционер, актуелниот премиер, Христијан Мицкоски жестоко критикуваше што функционерите добија зголемување од 78% на платите, благодарение на одлука на Уставен суд.

Тогаш тој бараше тие плати да се намалат, а запрашан зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ МРО-ДПМНЕ не поднеле иницијатива за враќање на платите на функционерите, Мицкоски своевремено кажа дека тоа не е сторено затоа што нивните иницијативи никогаш не биле прифатени.

„Искуството вели дека секогаш кога ќе се поднесе иницијатива од опозицијата, таа се одбива. За неколку месеци ќе имаме друга влада. Ќе предложиме закон за враќање на платите на функционерите“ рече Мицкоски најавувајќи дека кога тој ќе дојде на власт, платите на функционерите ќе бидат коригирани.

Но денес, како премиер, Мицкоски најави дека нема да има намалување на функционерските плати, туку дека тие немало дополнително да се зголемат.

„Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите“ рече премиерот денеска во одговор на новинарско прашање.