Skip to main content
Македонија

Министерството за култура и туризам го објави конкурсот за Град на културата за 2025 година

22/11/2024  13:43

Министерството за култура и туризам денеска го објави Конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2025 година”.

На Конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во РС Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во Градот Скопје.

Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk, почнувајќи од 22.11.2024 г. во 14:00 часот, заклучно со 22.12.2024 г. во 14:00 часот.

Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk (https://uslugi.gov.mk/frequently-asked-questions.nspx), како и преку контакт-центарот на овој национален портал за е-услуги.

Еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам е унапредување и достапност на македонската култура, а со проектот „Град на културата” се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините низ државава.

„Град на културата” во 2024 година беше Крива Паланка, која во текот на целата година презентираше богата програма и издржан програмски концепт, со различни жанрови и естетика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.