Skip to main content
Македонија

Министерството за енергетика ги објави списоците на граѓани кои добија ваучери за инвертери

04/11/2024  10:49

Министерството за енергетика на својавата веб страна ги објави списоците за граѓани кои ќе добијат ваучери за инвертери од огласот кој беше распишан во февруари годинава.

На страната објавени се и фирмите од каде што граѓаните ќе можат да ги купат инвертерите.

Како што соопштија од Министерството за енергетика граѓаните можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024 година. По овој датум, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.

„По објавата на списоците, започнавме со дистрибуција на ваучерите до општините. Подигнувањето на ваучерите ќе се врши во специјални регионални канцеларии, отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството“, велат од Министерството.

За овој проект обезбедени се 4,1 милион евра или има пари за околу 6.000 ваучери. На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4.305 баратели.

Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари.

Листата погледнете ја со клик ТУКА.