Во понеделник, Владата на Северна Македонија ќе отпатува во Косово за првата заедничка меѓувладина седница од формирањето на новата Влада, објави на социјалните мрежи првиот заменик-премиер Изет Меџити.
„Ова седница, покрај протоколарниот дел и усогласената агенда меѓу двете влади околу прашањата за кои ќе се дискутира и договорите што ќе се потпишат, претставува и континуитет на нашата посветеност за зајакнување на регионалната соработка и за третирање на Република Косово како еднаков партнер во сите регионални иницијативи и активности“ вели тој.
Тој понатаму додаде дека Владата на Северна Македонија доаѓа во Приштина со проактивен пристап и искрен интерес за да ги разгледа сите прашања од интерес за нашите две земји. „Независно од проблемите кои новата Влада ги наследи од претходните влади, независно од оркестрираните тенденции да се обвини новата Влада за секој неуспех оставен во наследство од минатото, духот на меѓудржавната соработка ќе се зајакне и меѓусебната доверба меѓу Северна Македонија и Косово ќе се зголемува континуирано и ќе се гради, бидејќи ова е наша заедничка обврска пред нашите граѓани”, рече Меџити, и додаде: „Нашите политички партнери, пријатели и сите други општествени актери во Република Косово сакам да ги информирам дека Владата на Северна Македонија е решена и непоколеблива да работи Западен Балкан да се трансформира во развиен и интегриран регион со модерни институции и услуги и со гарантирање на слободата на изразување, слободата на движење и слободата на организирање за секој поединец или група, без разлика на нивната припадност.”