Метео анализа на Славчо Попоски:
Како што претходно најавив и кажав, викендот кој што ни доаѓа, територијата на нашата Македонија ќе биде зафатена од нов ладен и влажен воздушен бран кој ќе услови нови врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните предели (локално околу 20 литри воден талог на метар квадратен).
Во сабота на планините, а во недела особено попладне и на повисоките места со надморска височина од, па и под 1000 метри надморска височина ќе има врнежи од снег, а на планините и на Скијачките центри постојаната снежна покривка ќе се зголеми.
Во недела доцна попладне и навечер ќе започне да дува засилен ветер од северен правец, кој ќе продолжи и во понеделник (16 Декември). Поради дополнителното заладување, доцна вечерта и ноќта недела кон понеделник повремен снег ќе има и во градовите, особено во западните и во северните предели од Македонија.
Што се однесува до Скопскиот регион, овој бран ќе донесе врнежи од дожд, а на околните планини ќе има врнежи од снег. Во недела, особено попладне и вечерта послаби врнежи од снег се можни и во повисоките предели од котлината, а ноќта недела кон понеделник по некоја снегулка може да провее и во пониските предели од Скопската котлина (ништо посебно).
Што се однесува до температурите, тие значително ќе опаднат и за викендот ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 10 степени, меѓутоа, во недела навечер и ноќта кон понеделник дополнително тие ќе опаднат и до понеделник наутро ќе се спуштаат во интервалот од -7 до 1, додека на повисоките планински места тие се очекува да се спуштат до околу, па и под -10 степени.
Особено студен ден и без врнежи, но и доста ветровит ќе биде понеделник 16 Декември, кога максималните дневни температури во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од -1 до 7 степени, додека на повисоките места и на планините, секако вклучувајќи ги и Скијачките центри тие ќе останат под нулата.
Апелирам, доколку патувате овој викенд низ планинските превои, да бидете крајно внимателни, и тоа поради очекуваните нови врнежи од снег кои би можеле да создаваат нови проблеми низ патиштата.