Skip to main content
Македонија

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

25/11/2024  21:35

Ова е старт, прв чекор во градењето на инфраструктура за електричната мобилност, што е клучно за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето од страна на транспортниот сектор, проблем што е доста актуелен во изминатите неколку години, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска, при образложение на амандманот, со кој треба да се обезбедат 9,2 милиони денари за физибилити студија за развивање изградба на мрежа на станици за полнење на електрични возила на патиштата во Северна Македонија.

Лукаревска нагласи дека само со клучни и добро обмислени чекори ќе може да има борба против загадениот воздух.

Со развиена мрежа на станици за полнење ќе се поттикнат граѓаните и компаниите да преминат на електрични возила, нешто што е пракса во сите високо развиените земји. Физибилити студијата е за современ ефикасен систем за полнење, што ќе придонесе и за енергетска ефикасност и подобрувањена квалитетот на воздухот, како и унапредување на туристичкиот потенцијал на државата, истакна Лукаревска.

Се надевам дека за прв пат ќе направите отстапка и ќе кажете дека овој амандман се прифаќа, бидејќи досега само еден амандман е прифатен и тоа е амандман од власта, нагласи пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска.