Skip to main content
Балкан

Курти: Има уапсени лица и материјални докази поврзани со нападот на водоводниот канал во Зубин Поток, северно Косово

30/11/2024  14:17

Косовскиот премиер, Албин Курти, кој денеска го посети местото каде што синоќа се случи нападот со експлозив врз водоводниот канал Ибар-Лепенец, информира дека полицијата извршила рација и дека има уапсени лица и материјални докази, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи се пред новинарите во селото Варага кај Зубин Поток, Курти порача дека „сите криминалци и терористи кои го предизвикаа нападот ќе се соочат со косовските закони“.

Курти информира и дека е постигнато делумно санирање на оштетувањата на каналот.

– Успеавме до некаде да ја санираме штетата. Некаде сме на нешто повеќе од една четвртина од водните текови на каналот, кој исто така ги лади електраните и снабдува со вода. Полицијата води истраги, има рации и апсења, како и материјални докази и сите овие криминалци и терористи ќе се соочат со правдата и со законите на демократска Република Косово, рече косовскиот премиер.