Косовката опозиција еден ден пред заедничката седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина ја обвини владата на Албин Курти затоа што на дневен ред на утрешната средба не се ставени, според неа, две клучни прашања – апсењата на порашани борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и основните права на Албанците во Северна Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик.
„Апсењето на ветераните на ОВК во Северна Македонија, што се случи оваа година, е неприфатливо и ги нарушува нашите меѓудржавни односи. Владата на Косово мора да инсистира ваквите случаи, кои се случуваат сега со новата влада во Северна Македонија, да не се повторат. Денес, ниту еден ветеран на ОВК не е безбеден да ја премине границата со Северна Македонија, поради ризикот оваа земја да ги спроведе српските налози за апсење против борците за слобода“. напиша на Фејсбук лидерот на Демократската парт8ија на Косово и пратеник во тамошниот парламент, Мемли Красниќи.
Во објавата, тој бара од косовската влада, а особено од политичарите Албанци кои се дел од Владата на Северна Македонија, да го кренат својот глас и да се обврзат дека употребата на албанскиот јазик не треба да биде забранета никому и никаде.
„Фундаменталните права на Албанците во Северна Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик, мора да бидат цврсто заштитени. Владата на Косово, а особено албанските политичари кои се дел од Владата на Северна Македонија, мора да го кренат својот глас и да се анагажират употребата на албанскиот јазик да не биде забранета никому и никаде. Секој обид за кршење на овие права мора веднаш да прекине“.вели Красниќи.
Според него, сè додека овие итни прашања не се решат соодветно, другите точки од дневниот ред на утрешната седница ризикуваат да бидат засенети од нерешените вознемирености на албанскиот народ во Северна Македонија.
Вистинската соработка, додава Красниќи, бара искрен и проактивен пристап кон ваквите предизвици, обезбедувајќи достоинството и почитување и заштита на правата на сите граѓани.
„Во спротивно, никому не му требаат заеднички средби за политичко шоу без содржина“,порачува Красниќи во објавата.
Владите на Република Северна Македонија и на Република Косово утре (18 ноември 2024 г.) во Приштина ќе одржат заедничка меѓувладина седница, на која како што информираа од владината прес-служба ќе бидат потпишани и неколку меморандуми и договори за соработка во повеќе области.