Skip to main content
Македонија

Ковачевски не е меѓу уапсените: Бившиот директор на ЕСМ во моментов е надвор од Македонија и недостапен е за правдата

10/12/2024  13:05

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ и близок соработник на бившиот премир, Зоран Заев, е надвор од Македонија.

-Подолго време не е во државата. Очекувам брзо да денес да биде обезбеден пред правдата и сите да дадат одговор за овие основи на сомнение, рече премиерот.

„Овие 23-ца што денеска се обезбедени минус можеби еден, но очекувам брзо од денеска да биде обезбеден пред правдата и сите тие да дадат одговор за овие основани сомневања за кои се обвинуваат иако можам да кажам дека голем дел од доказите за кои се сомневавме веќе се обезбедени“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.

Прашан за кого точно имаат обезбедено докази и дали е тоа ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, Мицкоски одговори дека докази има за сите и потврди дека тој не е во државата подолго време, но очекува да биде обезбеден и вратен.

Според Мицкоски, од информациите што ги имал добиено од министерот Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, станува збор за добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица што управуваат со други правни субјекти.

Мицкоски посочи дека постои основано сомнение дека направиле криминал од 6,5 милиони евра.

„Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на Обвинителството и понатаму на судовите. Мора да веруваме на презумпцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Знам дека како Влада и јас лично често пати од страна на јавноста изминатиот период бевме обвинувани дека многу малку сме преземале акции или чекори во насока на обезбедување на лица што се организирале или индивидуално постојат сомневања дека сториле криминал. Но, ние велевме и баравме трпение бидејќи мора да имаме јасна процедура и докази, но да соработуваат и двата клучни столба, а тоа се Обвинителството и судството“, рече Мицкоски.

Полициската акција, која се спроведува од изутрината и во рамките на која се вршат претреси, ја координираат двајца обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Ова е засега единствената официјална информација од надлежните органи, кои за што точно станува збор, повеќе детали најавија за во текот на денот, кога ќе завршат претресите.

Меѓу лицата кои се осомничени, како што засега неофицијално се дознава, се ексдиректорот на ЕСМ и член на Управниот на компанијата, Васко Ковачевски, како и неговиот наследник на функцијата, Васко Стефанов.

МВР и ОЈО ГОКК повеќе детали најавуваат во текот на денот.