Израелскиот парламент денеска треба да гласа за два контроверзни нацрт-закони кои ќе воведат огромни ограничувања на работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).
Целта на нацрт-законот, кој беше предложен од членовите на парламентот и од владата и од опозицијата, е УНРВА да биде прогласена за терористичка организација и да им се забрани на израелските власти да имаат каков било контакт со организацијата.
Исто така, ќе се забрани работата на агенцијата на територијата окупирана од Израел. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро се изјасни против планот.
-Таквиот закон ќе ги „задуши“ напорите за ублажување на човечкото страдање и тензиите во Појасот Газа, а исто така и на Западниот Брег и Источен Ерусалим, предупреди тој претходно овој месец.
Според медиумите, претставниците на Министерството за надворешни работи изразиле загриженост за практичните последици доколку законските измени бидат одобрени како што се очекуваше во третото и последно читање. бВо најлош случај, Израел би можел да биде исклучен од Обединетите нации.
Израел ја обвинува организацијата на ОН, главниот давател на хуманитарна помош во Појасот Газа, дека била инфилтрирана од палестинската милитантна организација Хамас. Се вели дека неколку вработени на УНРВА биле вклучени во нападите на 7 октомври 2023 година.