Skip to main content
Магазин

Како паузата од социјалните мрежи влијае на нас?

09/12/2024  00:12

Сè повеќе познати личности и обични луѓе се одлучуваат за пауза од социјалните мрежи, што станува популарен тренд познат како „дигитална детоксикација“. Имено, имиња како Ед Ширан, Бритни Спирс, Мајли Сајрус, Селена Гомез и Џастин Бибер, како и германскиот министер за економија Роберт Хабек, одлучиле да се одморат од дигиталниот свет.

Причините за оваа одлука се различни: премногу коментари со омраза, замор од „глумата“ на социјалните мрежи, прекумерно време поминато пред екраните, па дури и нарушено ментално здравје. Роберт Хабек, кој го напушти Х во 2019 година, изјави: „Твитер или Х е агресивен како ниедна друга платформа, таму има најмногу омраза и злоба“. Според него, тоа била една од најмудрите одлуки во неговиот живот.

Истражувањата ја поддржуваат ваквата перспектива. Според Универзитетот на Бат, пауза од социјалните мрежи од само една недела значително ја подобрува општата благосостојба и ги намалува анксиозноста и депресијата. Истражувањето на дигиталното здружение „Битком“ покажува дека 43% од луѓето во Германија веќе се обиделе да бидат „офлајн“ и притоа почувствувале подобрување во својата состојба.

Но, дигиталната детоксикација не е за секого. Истражувањето на Универзитетот во Абу Даби откри дека некои корисници доживуваат стрес и чувство на осаменост за време на апстиненцијата од социјалните мрежи.

Кристин Лангер, активистка и експерт за дигитална култура, смета дека најважно е секој да го најде сопствениот баланс. „Важно е да одлучиме колку време сме на мрежите и што правиме таму. Влијанието на социјалните мрежи секогаш зависи од личноста на корисникот“, вели таа.

Социјалните мрежи може да имаат и позитивни и негативни ефекти. Тие овозможуваат поврзување и изразување, но истовремено создаваат завист и притисок. Поради тоа, паузата од дигиталниот свет може да биде добредојдена, особено за оние кои се чувствуваат оптоварени од очекувањата и виртуелните интеракции.