Skip to main content
Скопје

ЗОО Скопје со кампања „Кажи СТОП за петарди и огномет“

04/12/2024  15:18

Почитувани, месец декември го посветуваме за зголемување на свеста за последиците од употребата на пиротехнички средства во овие денови на празнични прославувања.

Ајде заедно да кажеме СТОП ЗА ПЕТАРДИТЕ И ОГНОМЕТИТЕ кои освен тоа што се опасна „играчка” за најмладите и може да дојде до страшни повреди, се погубни и за животинскиот свет.

Употребата на пиротехнички средства е опасна затоа што:

-Милиони птици угинуваат од стрес, или исплашени ги напуштаат своите гнезда со малечки за кои потоа нема кој да се грижи и умираат од глад и дехидрација

-Кучињата и мачките може да доживеат огромен стрес или во најлош случај срцев удар од страв

-Дивиот свет исто така страда. Бучавата и светлината ги вознемируваат до степен да може да настапи смрт, но и да ги напуштат своите малечки кои потоа страдаат

-Се создава загадување на воздухот преку испуштање на отровни хемикалии, но и загадување со бучава

-Децата може да се повредат и да останат со ампутирани делови од телото

-Кај возрасните луѓе со ПТСР (PTSD) поттикнува поголема анксиозност

-Силниот звук има огромно влијание кај дечиња со потешкии во развојот или пак со аутистичен спектар на нарушување, а празничниот период не треба да им носи трауми поради петардите

-И животните во ЗОО Скопје доживуваат голем стрес

Затоа апелираме сите заедно да се вклучиме во оваа кампања и оваа година рекордно да ја намалиме употребата на пиротехника.

Се надеваме дека што повеќе училишта ќе се вклучат во заеднички активности со Скопје ЗОО, а како прва „задача” за сите основци и средношколци предлагаме да бидат креативни и да направат цртежи на темата „КАЖИ СТОП ЗА ПЕТАРДИ И ОГНОМЕТ”.

На крајот од месецот, пред Нова Година ќе направиме изложба со најдобрите цртежи во просторот на градината.

Сите креативни граѓани може да изработат и да ни испратат и едукативни илустрации на zooskopje@zooskopje.com.mk , кои потоа како постери ќе се најдат низ секое маало!

И за крај, уживајте во празнувањето на празниците, но оставете ги и другите да уживаат.

Стоп за пиротехничките средства!