РЦУК Скопје, известува дека утрово во 09.18 часот, добиле пријава од заглавено лице во месноста „Празни торба“ – Црни врв, с.Цветово (Општина Студеничани), коешто се наоѓало во сопствена викендица.
Според известувањето од пријавителот, на местото каде се наоѓал имало наноси од снег кои биле повисоки од 60 сантиметри и лицето не било во можност да го користи сопственото моторно возило иако поседувало зимска опрема.
Од страна на РЦУК Скопје известен бил градоначалникот на Општина Студеничани, кој информирал дека имаат договор со фирма за чистење на снегот, но само до населените места.
Во 15.30 часот, вчера, од градоначалникот била добиена информација дека не успеале да обезбедат багер за чистење на снегот, но на пријавителот му било понудено да биде евакуиран со возило-мотор со гасеници, но истиот го одбил тоа, бидејќи не сакал да го остави возилото.
Дел од регионалните центри за управување со кризи според ЦУЈК известиле и за населенте места каде електричната енергија се уште е во прекин после врнежите од дожд и од снег на повисоките места.
„Регионалниот ЦУК Велес, ја пренесува информацијата од ЕВН Македонија дека поради дефекти настанати од врнежи од снег без електрична енергија од 07:00 часот се селата Рожден, Мајдан и Моклиште (Општина Кавадарци).
РЦУК Тетово, ја пренесува информацијата од ЕВН Македонија дека по последните обилни врнежи од снег во мавровскиот регион без напојување со електрична енергија се селата: Сретково, Железна Река, Страјане , Богдево, Ничпур и караулата „Стрезимир“. Екипите на ЕВН не можеле до сега да интервенираат поради висината на снежната покривка и недостапните патишта. Се очекува интервенција на екипите во текот на денешниот ден“, најави ЦУК.
Од центарот потсетуваат дека sите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.