Втор ден трае драмата на жителите и посетителите на мавровското село Никифорово, кои останаа отсечени од светот по обилните снежни врнежи што го зафатија западниот дел на државата. Без струја и со нерасчистен пат, многумина се обидоа да ја напуштат селото, но останаа заглавени во снегот пишува пари.мк.
„Маж ми е заглавен на патот Никифорово–Леуново веќе 2,5 часа. Одговорните служби ни рекоа да се јавиме утре,“ вели Наташа Богдановска за пари.мк, чиј сопруг, заедно со други граѓани, ја пречека ноќта заглавен во снежните навеви
Патишта што водат никаде
Иако надлежните служби тврдеа дека патот од Леуново е прооден, граѓаните кои утринава се упатиле кон Скопје беа непријатно изненадени. Снегот и голомразицата го направиле патот непрооден дури и за теренски возила. „Има семејства со деца, трудници и многу други заглавени на патот. Одговорните велат дека помошта ќе дојде, но не знаат кога,“ сведочи една од патничките за пари.мк.
Доцна распишан тендер и негрижа
На социјалните мрежи се множат критики до локалната самоуправа за нивната неподготвеност. Според неофицијални информации, тендерот за чистење снег бил распишан дури кон крајот на ноември, премногу доцна за да се реагира на ваквите зимски услови.
По неколку часа обиди, специјално возило со плуг успеа да извлече дел од возилата кај Бунец, но многумина во Никифорово останаа да ја поминат ноќта без струја и со неизвесност за следниот ден. Жителите апелираат за итна реакција и подобра организација на службите за расчистување на патиштата во зимски услови.