Во фоајето на Националната опера и балет вечер во 20 часот ќе се одржи ексклузивен гала настан, насловен како „Жените на Пучини“, во рамките на проектот „Месец на Пучини“.
-Публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини. На ексклузивниот гала настан ќе настапат нашите оперски солистки: Весна Ѓиновска Илкова , Сандра Митровска, Павлина Новакова Георгиев, Злата Тошевска, Александра Лазаревска Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, со пијано придружба: Андреј Наунов, режисер на настанот е Дејан Прошев, велат од Националната опера и балет.
Во исто време, во фоајето е поставена изложба од богатата архива на Националната опера и балет, насловена како „Пучини низ историјата на МОБ“.
-Како институција, имаме одговорност да ја негуваме уметноста и да ја пренесеме на идните генерации. Посветени сме да ја збогатиме културната сцена во земјата преку репертоар и настани прилагодени за сите возрасти, велат од Националната опера и балет.
Овој настан, додаваат оттаму, претставува кулминација на нашата годишна културна понуда и можност за дружење со уметниците и креативниот тим на Националната опера во извонредна атмосфера.