ЕСМ купи струја за близу 6 милиони евра. Количините ќе бидат за покривање на потребите во следните две недели. Се набавија над 44 гигават часови. Парите одат во џебот на компанијата ГЕНИ продажба на енергија ДООЕЛ.
Од ЕСМ пак вчера преку соопштение се обидоа да објаснат зошто се прават набавки на електрична енергија. Во дописот стои дека набавките се со цел да се обезбедат количините за потребите на ЕВН ХОУМ, за покривање на загубите во електродистрибуција и Мепсо. Пишува и дека набавките се потребни за да се зачува хидропотенцијалот кој е на ниво од 19 проценти, што е далеку под просекот за овој период од годината.
Изминатиот период ЕСМ имаше низа набавки на струја. Пред извесно време министерката за енерегетика Божиновска кажа дека ќе се обидат да ги спроведуваат на подолг период, но се уште се купува за две недели.
Во моментов работи само РЕК Битола и тоа со два блока третиот ќе се вклучувал по потреба. ЕСМ подолго време има проблеми во работата, но во буџетот не се предвидени пари за електрани поради што компанијата се задолжи кај домашните банки со над 80 милиони евра кредит.
Наскоро следи и нова цена на струјата. Дел од енерегетските комании побарале зголемување на цената на својата услуга и до 80 отсто , но сметките на домаќинствата најмногу зависат од тоа ЕСМ по која цена ќе ја продава својата струја на ЕВН ХОУМ. Сега нивниот мегават чини 60 евра. Премиерот Мицкоски пред неколку дена рече дека не очекува од јанаури да има поскапување.