Skip to main content
Свет

Еруптираше вулканот Лаки-лаки, најмалку девет загинати

04/11/2024  08:28

Најмалку девет лица загинаа по ерупцијата на планината Левотоби Лаки-лаки во источна Индонезија, јавува Ројтерс.

Вулканот Лаки-лаки, кој се наоѓа на островот Флорес, еруптираше во неделата во 23:57 часот по локално време, исфрлајќи огнена црвена лава, вулканска пепел и вжештени карпи. Властите во Индонезија го подигнаа статусот на вулканот на највисоко ниво.

„По ерупцијата имаше и прекин на струја. Потоа врнеше, проследено со силни молњи, што предизвика голема паника меѓу луѓето во близина на вулканот“, изјави за Ројтерс Хади Виџаја, портпарол на Центарот за вулканологија.

Ерупцијата на овој вулкан зафати седум околни села чии жители беа евакуирани, но девет од нив го загубија животот, според досегашните сознанија. Огнена лава и вжештени камења ги погодија селата на оддалеченост од четири километри од кратерот.

Селата најблиску до планината Левотоби беа целосно покриени со вулканска пепел, а властите потоа одлучија да ги евакуираат жителите на селата оддалечени десет или повеќе километри од кратерот.