Skip to main content
Македонија

Експлозивна направа фрлена во клубот на ПЦЕР во Тетово

21/10/2024  09:55

Денеска, во утринските часови, во клубот на Партијата за целосна еманципација на Ромите од Република Македонија (ПЦЕР), лоциран на ул. „Иво Лола Рибар“ бр. 152 во Тетово, фрлена е експлозивна направа. Овој инцидент предизвика значителна материјална штета, при што сите прозори на клубот се искршени. За среќа, не се пријавени повредени лица.

Претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, изрази голема загриженост за овој акт на насилство, нагласувајќи дека се работи за недоличен и нетолерантен чин кон Ромите не само во Тетово, туку и во целата држава. „Најостро го осудуваме овој чин на нетолеранција и непочит кон нас и кон Ромите од овој град и од целата држава. Ова не е само напад на нашата партија, туку и на нашето постоење како заедница,“ изјави Ибраимовски.

Тој повика надлежните институции да го истражат случајот и да реагираат навремено, со цел да се спречи повторување на вакви инциденти во иднина. „Ги повикуваме надлежните институции од Република Македонија да го истражат случајот и навремено да постапат. Не можеме да дозволиме таквите напади да поминат без одговор. Нашата заедница заслужува безбедност и почит,“ додаде Ибраимовски.