Skip to main content
Свет

Евакуација на домаќинства во Лондон поради радиоактивен отпад пронајден во вреќи

22/11/2024  12:33

Отпад за кој се верува дека е радиоактивен е пронајден во вреќи со ѓубре во близина на основно училиште во Хамерсмит, Лондон, што предизвика евакуација на најмалку дванаесет домаќинства.

Дејли Мејл пишува дека сомнителниот радиоактивен отпад го открил работник во градската чистота.

Специјална единица ја блокирала улицата и ги евакуирала жителите од околните домови предупредувајќи ги да не влегуваат на улицата додека не се смири ситуацијата.

Еден од градските работници за чистење, кој се претставил како Џорџ, рекол дека верува оти во домот пред кој бил пронајден отпадот живеела 90-годишна жена која починала, додека машкиот жител бил сместен во дом за стари лица. Тој додаде дека секоја соба во куќата е преполна со работи кои не биле фрлени со години.

-Однесов вреќи со ѓубре на депонија и кога ги скенираа, ми рекоа дека не можам да ги оставам работите бидејќи се радиоактивни. Не ни знаев што има во нив, имаше толку многу ѓубре. Не знаев што да правам, рече Џорџ.

Еден од полициските службеници кој пристигнал на местото на настанот изјавил дека предметот бил проверен и констатирано е дека е безбеден.