Skip to main content
Македонија

ДУИ демантира вмешаност во сквернавењето на македонското знаме и најави тужби

01/12/2024  16:59

ДУИ реагираше по денешните обвинувања на вицепремиерот и член на ВЛЕН, Арбен Фетати. Опозициската партија ги смета за невистинити обвинувањата и манипулациите дека младите лица кои ги уништуваа македонските знамиња се блиски соработници до партијата од Мала Речица.

-ДУИ нема никаква врска со организацијата на овие инциденти. Секоја изјава или обвинение за спротивното е неоснована, клеветничка и злонамерна. Антиалбанската влада преку овие изјави манипулира со јавното мислење, обидувајќи се да го оттргне вниманието од вистината – фактот дека полицијата уапси 17 Албанци за инцидентите со државното знаме, а притоа не уапси ниту едно лице за палење на албанското знаме.

Оваа стратегија на антиалбанската влада е јасен обид да ја избегне својата одговорност и да создаде етнички поделби. Нејзините постапки не само што се опасни, туку и ја поткопуваат хармонијата и стабилноста во земјата, порачаа од партијата на Али Ахмети.

Од ДУИ велат дека нема да дозволат да бидат предмет на политички манипулации и клевети. Најавуваат дека ќе ги преземеме сите правни чекори за да се спротивстават на овие ваквите обвинувања и да побараат одговорност од сите инволвирани во ширењето на овие дезинформации.

Претходно на прес-конфереција, Фетаи објави две фотографии од дел од уапсените млади лица, а на едната се гледа како еден од приведените е сликан заедно со членот на ДУИ, Артан Груби. Фетаи порача дека ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како „топовско месо“, само за да ја избегнат правдата што ги чека. Тој повика на намалување на тензиите и забрана на говорот на омраза, бидејќи тоа се како што рече, пречки за мир и напредок.