Skip to main content
Македонија

Доделени се околу 80% од ваучерите за купување инвертер клими

07/11/2024  19:42

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека успешно е реализиран процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, со цел зголемување на енергетската ефикасност на домаќинствата низ целата држава. До 15 часот, беа доделени над 80% од предвидените 6.182 ваучери. Благодарение на внимателното планирање и целосната ангажираност на тимот на Министерството, процесот се одвива непречено и ефикасно, со што на граѓаните им се овозможи брзо и лесно подигнување на ваучерите.

„Во рамки на процесот на доделување, до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75% од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици пред СЦ Борис Трајковски. Во согласност со предвидената динамика, доделувањето успешно се спроведува и на другите 30 локации низ Македонија, каде што граѓаните можат лесно да ги подигнат своите ваучери за купување и инсталирање на инвертер клима уреди. Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90% од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“, соопштуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Како што додаваат, во изјава за медиумите министерката за енергетика, Сања Божиновска, нагласи дека Министерството ги отвори сите предвидени локации низ Македонија, со цел да се обезбеди брза и безбедна дистрибуција на ваучерите и додаде: „Во Скопје, ваучерите се доделуваат во салата ‘Борис Трајковски’, во Битола – во спортската сала ‘Боро Чурлески’, а во останатите градови – во соработка со Агенцијата за вработување. Со оваа мерка, обезбедуваме значителна финансиска поддршка за домаќинствата, а посебно се фокусираме на ранливите категории потрошувачи.“

„Дополнителна флексибилност е овозможена за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во Министерството до крајот на месецот. Министерката Божиновска го истакна значењето на мерката за енергетска ефикасност, нагласувајќи дека оваа програма со вкупен износ од 155 милиони денари не само што придонесува кон подобрување на животниот стандард, туку и кон заштита на животната средина преку намалена потрошувачка на електрична енергија. Министерството останува достапно за сите дополнителни прашања, при што редовни информации за тековните активности се објавуваат на нашата веб-страница и преку отворени телефонски линии“, нагласуваат од Министерството.