Жителите на Скопје и денеска се соочија со долги чекања и студ по автобуските станици, револтирани од состојбата со јавниот градски превоз. Во меѓувреме, градоначалничката Данела Арсовска ја коментираше ситуацијата за „Телма“, префрлајќи ја вината на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што беше дадено како образложение е небулозно. Не може да имате полоша или подобра понуда за горива кога цената е иста за сите, бидејќи Регулаторната комисија ја одредува цената. Бирото за јавни набавки ја носи одлуката, а сега има замерка за тоа што само една компанија дала понуда. Кој би се осмелил да снабдува претпријатие кое е загубар?“ изјави Арсовска.
Таа додаде дека на актуелната власт им било предложено тие сами да ги договорат условите за набавка на автобуси, а нејзината улога би била само да го потпише договорот. „Во изминатите две години им беше понудено тие да одберат банка, услови и спецификации за автобусите, а јас само да ставам потпис,“ изјави Арсовска.
Ситуацијата со јавниот превоз продолжува да предизвикува незадоволство и политички обвинувања, додека скопјани остануваат без решение за основната услуга.