Skip to main content
Македонија

Граѓаните на Кочани едно институциите друго, продолжува протестот за депонијата

09/11/2024  19:21

Граѓанскиот пркос против депонијата во Кочани продолжува.

Иако граѓаните и еко активистите од Кочани и регионот ја тргнаа блокадата за кочанските комунални возила тврдејќи дека не прифаќаат ѓубрето од другите општини да се носи кај нив, сепак впечаток е дека нема решение за проблемот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање рекоа дека не е опција да се вратат веќе згаснатите депонии во околните општини и дека ѓубрето ќе мора да се носи и понатаму.

-Обврската на трите општини да го носат отпадот на таа локација останува се до воспоставувањето на регионалната депонија, велат од Министертвото.

Благица Сабовљевиќ Стоименова, една од учесничките на протестот вели дека граѓаните остануваат на истиот став.
-Голготата продолжува и понатаму. За овие три општини нашата блокада ќе продолжи се додека тие самите не си активираат нивни депонии. Треба секој да си се грижи за своето ѓубре, а не нашата депонија да биде регионална и така да ја загадува нашата околина дополнително, вели таа.

Вицепремиерот Александар Николовски вчера рече дека Владата ќе обезбеди средства за уредување на депонијата во Кочани но не кажа ништо за барањето на кочанчани. Се до изградбата на прва регионална депонија во Свети Николе Владата нема друго решение. Николовски спротивно на мислењето на граѓаните рече дека мора да се изградат депониите.

-Имаме проблем со депонии на ниво на држава и мора да се изградат регионални депонии коишто ќе бидат уредени. Состојбата со депонијата во Кочани е таква каква што е, рече Николовски.

Протестот на граѓаните и блокадата на локалниот пат кој води до депонијата продолжува и денеска. Кочанчани се децидни и бараат поништување на одлуката, не се согласуваат губрето од соседните општини да завршува на градската депонија во Кочани.

Дека еколошките проблеми во државата ескалираат, потврдуваат и еко-активистите од југоисточниот регион.
Дали на повидок е еколошка бомба со здравствени последици е прашањето кое се отвора сега од црвената зона во која се наоѓа државата, а посебно истокот, каде ситуацијата со депонијата е алармантна.