Законската обврска на работодавачите е да исплатат К-15 до 31 декември, што значи дека имаат нешто повеќе од пола месец да ја исполнат својата обврска доколку истото не го направиле досега. Најмалиот износ што треба да легне на сметките е околу 16.000 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето плата во Македонија.
Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, износот може да биде и поголем, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата. Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе исплаќаат К-15 до 40.000 денари!
Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор. Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто.
Од лани во јули, со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, правото на регрес за годишен одмор како општа категорија во износ од 10.000 денари, стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Поточно, за првпат по две децении, регрес добија и наставниците. Претходните информации говорат дека во 2000 година, вработените во образованието го добиле последниот износ на К-15, но наместо пари тој им бил исплатен во канти сирење, маслинки или салами. Освен наставниците регрес лани добија и органите на државната и на локалната власт и друг државен орган основан во согласност со Уставот и закон, како и институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Република или од општина, од градот Скопје, како и од општина во градот Скопје.