Skip to main content
Свет

Гласањата во Молдавија и Грузија го вклучија алармот во ЕУ

22/10/2024  12:03

Референдумот за членство во ЕУ и претседателските избори во Молдавија одржани во неделата и претстојните парламентарни избори во Грузија во сабота го вклучија алармот во Унијата, поради нејзината немоќ да се справи со засилената пропаганда, ширењето лажни вести и обидите за мешање од страна на Москва, која вложува значителни средства во битката за влијание во некогашните советски републики.

ЕУ со години беше уверена дека нејзината либерална и демократска агенда ќе ги оддалечи Кишињев и Тбилиси од орбитата на Кремљ и ќе ги привлече кон Западот, но резултатите од гласањата во Молдавија и анкетите за претстојните избори во Грузија ги разбиваат таквите оптимистички визии на Брисел.

Молдавците со тесно мнозинство од само 50,4 отсто го поддржаа членството на нивната земја во ЕУ, а прогнозите за Грузија се дека ќе победи популистичката конзервативна партија Грузиски сон (Коцеби), која се очекува да продолжи со својата нелиберална политика и да ја оддалечи државата од членството во ЕУ.

Како што оценува бриселскиот портал „Политико“, очигледно е дека Кремљ и покрај големите трошоци во Украина, се уште е подготвен да вложува „големи пари“ во кампањи за купување гласови и ширење дезинформации со цел повторно да го зацврсти своето влијание на поранешните советски територии. Москва ги остварува своите цели со пропагандниот наратив дека земјите кои водат про-ЕУ или про-НАТО политика си „играат со оган“ и ако сакаат да избегнат конфликт треба да се определат за „неутралност“.

Актуелната прозападно ориентирана молдавска претседателка Маја Санду обвини дека пред гласањата во неделата, земјата се соочила со „невидениот напад од страна на Русија врз нејзините слобода и демократија“.

Анкетите укажуваа дека околу 60 отсто од Молдавците ќе гласаат за приклучување на земјата кон блокот, но референдумските резултати покажаа целосна поделеност на општеството по оваа прашање, а на моменти при пребројувањето на гласањето дури изгледаше дека мнозинството граѓани ќе се изјаснат против членство во ЕУ.

Ваквиот исход на референдумот, според претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, е резултат на „руските валкани трикови“, потенцирајќи дека Брисел ќе продолжи со напорите за приклучување на Молдавија во ЕУ.

– Иако соочена со хибридните тактики на Русија, Молдавија покажа дека е независна и силна и дека сака европска иднина, порача Фон дер Лајен.

Шефот на набљудувачката мисија на Националниот демократски институт (НДИ) и поранешен фински министер за надворешни работи Пека Хависто оцени дека биле вложени „големи напори“ за поткопување на демократскиот процес во Молдавија.

– Најголемата закана за интегритетот на овие изјаснувања беше раширената и усогласена кампања на злонамерно странско влијание од страна на Русија, која соработува со молдавски актери за манипулации со информациите, купување гласови и други незаконски финансирања на политички активности, оцени Хависто.

Според раководителот на набљудувачката мисија на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), американскиот конгресмен Питер Роскам, во ваков амбиент дури и постигнувањето на најмало мнозинство претставува значајно достигнување.

– Молдавците покажаа отпорност пред невиденото странско мешање, заклучи Роскам.

Властите во Кишињев тврдат дека во пресрет на референдумот и гласањето, на сметки на молдавски граѓани биле префрлени „огромни суми руски пари“, обвинувајќи ги Москва и нејзините поддржувачи во земјата дека на тој начин ги поттикнуваат луѓето да се изјаснат против членството во ЕУ на референдумот и да гласаат за прорускитe противкандидати на претседателката Санду на претседателските избори.

Според раководителот на молдавскиот тинк-тенк „ВачДог.

МД Комјунити“, Валериу Паша, Русија за околу 150 милиони евра успеала да „корумпира до 20 проценти од гласовите“  

– Да не беше ова масовно гласање со поткуп, резултатот ќе изгледаше сосема поинаку. Значи, во овие многу сурови услови, фактот што се уште имаме мнозинство гласови „за“ е многу добар резултат, додаде Паша.

Поранешниот шеф на молдавската дипломатија Нику Попеску во изјава за „Политико“ оцени дека референдумот бил распишан со цел да се разреши прашањето околу членството на земјата во ЕУ во пресрет на парламентарните избори предвидени за следната година, на кои се очекува прозападниот блок предводен од Санду да се соочи со неколкуте проруски опозициски партии. Според него, се чини дека ваквиот шаховски гамбит не успеал, бидејќи наместо да се демонстрира единство, во Молдавија се создала „опасна нова линија на поделба“, која ќе го убеди Кремљ дека се исплати да се обиде да се влијае на резултатите од гласањата.

Аналитичарката на Кризната група, Марта Муцник смета дека резултатите од референдумот и првиот круг од претседателските избори во Молдавија укажуваат на предизвиците со кои се соочува Брисел во процесот на проширувањето на ЕУ со постсоветските држави.

 – Со оглед на тоа што Молдавија се подготвува за парламентарни избори во 2025 година, овие поделби веројатно ќе го обликуваат политичкиот дискурс во земјата во следните месеци, смета Муцник.

Вториот предизвик за проширувањето на ЕУ кон исток ќе биде веќе в сабота на парламентарните избори во Грузија, на кои според предизборните анкети владејачката партија Коцеби се очекува да освои над една третина од гласовите, оставајќите ги далеку зад себе поделените опозициски коалиции. Коцеби има амбиции да освои доволно гласови за да обезбеди мнозинство во грузискиот Парламент, што не би било неостварливо со „помош од страна“.

Изборите се одржуваат во услови на обвинувања на опозицијата и невладиниот сектор дека Грузија станала „заробена држава од страна на Русија“, за што како доказ се посочува усвојувањето на законите за невладините организации финансирани од странство, медиумите и за правата на ЛГБТК+ заедницата изработени по примерот на слични руски законски акти.

Според Ивана Страднер од Фондацијата за одбрана на демократиите од Вашингтон, дојдено е време креаторите на политиките на Западот да станат свесни за фактот дека „руската војна не е ограничена само на Украина“, туку дека Москва се обидува да преземе контрола врз земји од демократскиот свет во кои што смета дека може да изврши влијание.

Молдавската претседателка Санду, пак, нагласува дека од ваквите случувања треба да бидат загрижени сите, а не само земјите кандидати за ЕУ или само помалите држави.

– Точно е дека можете полесно да го оштетите демократскиот процес во мала земја, но штом овие практики бидат тестираат во помалите земји, тие ќе можат да се применуваат и во други држави, оценува Санду.