Skip to main content
Балкан

Вучиќ: Немаме никаква врска со она што се случи на Ибар, тоа го знае и Приштина

30/11/2024  15:32

Белград нема никаква врска со она што се случи на северот на Косово кога беше оштетен каналот Ибар-Лепенец, а тоа го знае и Приштина, изјави претседателот на Србија и член на Претседателството на СНС, Александар Вучиќ.

Вучиќ ова го коментираше на разговор со младите на форумот на СНС „Младите на Србија, стапици и можности“, порачувајќи им, особено на оние кои се занимаваат со политика, никогаш да не реагираат под притисок.

-Секогаш кога во тек е хајка против некого, повлечете се и не учествувајте во тоа. Заклучок донесете кога тоа ќе помине. Никогаш во страв и под притисок не носете одлуки. Што мислите зошто не побрзав сабајле во шест часот да кажам дека Србија нема врска со она што се случило на Ибар-Лепенец. Можевме да го направиме тоа и да им ја свртиме реката, не ни требаше никаков тероризам, зошто да се правдам на било кого – рече Вучиќ.

Тој додаде дека Приштина знае дека тие го немаат направено тоа.

-Што да правам за да се оправдам, да трчам по светските медиуми, да им се извинам за нешто што не сум го направил, ако тоа ќе го толкуваат како сакаат. Затоа секогаш полека, на крајот се ќе дојде на свое место, важно е само да се работи, да се бориш и да веруваш во себе – додаде тој.

На територијата на општина Зубин Поток на северот на Косово, на 29 ноември во вечерните часови се случи експлозија, при што беше оштетен каналот Ибар-Лепенец, кој снабдува со вода повеќе градови во земјата, како и косовската енергетска корпорација за ладење на термоелектраните.