Skip to main content
Балкан

Вучиќ го посети Додик во болница пред утрешната операција

09/12/2024  00:33

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва го посети претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој е хоспитализиран во Белград поради акутни болки. Посетата на Додик, кој утре ќе биде подложен на операција на желудникот и хранопроводот, Вучиќ ја сподели со јавноста преку објава на „Инстаграм“.

„Го посетив претседателот Додик пред утрешната интервенција и му посакав брзо закрепнување и добро здравје. Се радувам на продолжување на соработката и на нови средби со раководството на Српска. Ни претстои многу заедничка работа“, напиша Вучиќ.

Додик попладнево беше примен во белградска болница поради сериозни здравствени проблеми. Лекарите најавуваат дека интервенцијата ќе се изврши утре, а претседателот на Република Српска ќе биде под постојан медицински надзор.