Шефицата на севернокорејската дипломатија Чое Сон-хуи денеска со воз пристигна во Москва, а беше пречекана од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров и Чое на железничката станица Јарослав открија спомен плочата по повод посетата на Ким Ил-сунг на СССР во 1949 година.
– Билатералните односи помеѓу нашите земји достигнаа невидено високо ниво изминатите години благодарение на посебното внимание што на овие односи им го посветија рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун, истакна Лавров на средбата со Чое.
Севернокорејската министерка наведе дека Пјонгјанг ќе биде покрај Русија до нејзината „победа“ во Украина.
– Нема сомнеж дека под мудро водство на почитуваниот руски претседател Владимир Путин, руската армија и народот ќе извојуваат голема победа.
Потврдуваме дека секогаш ќе бидеме цврсто на страната на нашите руски другари, до денот на победата, посочи Чое. Таа во Москва допатува од Владивосток.
Нејзината посета на Русија е во време кога според западни разузнавачки податоци околу 8,000 севернокорејски војници се во пограничниот руски регион Курск, од каде треба да бидат распоредени на фронтот во Украина.