Skip to main content
Македонија

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година

26/11/2024  15:41

Место со непотребна документација, од јуни следната година матичните лекари ќе имаат повеќе време да се посветат на пациентите оти ќе бидат ослободени од административните работи што ги бара хартиеното работење. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, најави дека хартијата целосно ќе биде исфрлена од употреба и во ординациите, и во аптеките, и во Фондот за здравствено осигурување.

„Разбираме дека има сè помалку луѓе за работа и дека треба да ја намалиме здравствената администрација. Две работи веќе можеме да ги објавиме. Работиме на е-рецепти, кои до крајот на полугодието во 2025 година треба да бидат во полна употреба и во функција. Со нив комплетно ќе се елиминира од функција хартијата и кај матичните лекари, и кај аптеките, и во Фондот поврзани со рецепти. Ќе ги дигитализираме и сите анекси за 1.500 ПЗУ за тие да може да се потпишуваат дигитално, да нема потреба да се потпишуваат во хартиена форма. Понатаму, ќе разговараме како можеме да го намалуваме товарот за лекарите да имаат сè повеќе време за разговор со пациентите, а да не се занимаваат со непотребна администрација“, рече директорот Клековски.

Безхартиеното работење на матичните лекари е само една од работите што на состанок со Фондот ги договориле претставници на лекарите. Договорено е покачување на капитацискиот бод, укинување некои од казните и дестимулативните мерки, нова програма за превенција, која ќе вклучи превенција од најчестите форми рак во земјата, а договориле и матичните лекари во руралните средини да не мора да ги затворат ординациите доколку во рок од 60 дена не најдат медицинска сестра како што налага сега законот. Тие добија рок од 24 месеци за да се снајдат и да вработат медицинска сестра.

„Ќе им биде дозволено да немаат медицински сестри следните 24 месеци, период во кој мораме да дадеме системски поглед на прашањето законски како ќе функционираат понатаму тимовите. Исто така, зголемени се бодовите за руралните лекари. За 22.500 нето се зголемени фиксните примања на лекарите за да се објави дека имаат зголемени трошоци и поради нивното патување до местото на ординациите. Тоа е веќе решено со менување на правилникот. Значи, за руралните подрачја одлуките се веќе донесени, објавени и стапуваат во сила“, рече директорот Клековски.

За другите прашања формирани се заеднички тимови, кои имаат рок до 15 декември да најдат заеднички решенија. Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка од Велес и претседателка на Здружението на приватните лекари на Македонија, рече дека веќе го поднела барањето за покачување на капитацискиот бод за матичните лекари.

„Ние дадовме аргументи колку пати се покачувани платите во јавното здравство, а колку кај нас. Сега барањето беше бодот да биде 100 денари. Нашето барање е од јануари. Се надеваме дека оваа Влада ќе излезе во пресрет на сето ова. Бараме сигурност за да можеме и ние на нашите вработени да им има дадеме плата, К15, да ги задржиме, да немаме прелевање на кадарот од кај нас во јавното здравство. Ако постојано се покачува платата во јавното здравство, тогаш нашите медицински сестри ќе се прелеат во јавното здравство, а не е суштината да го дестабилизираме примарното здравство, што основниот чувар на здравствениот денар“, рече Чолакова-Дервишова.

Таа нагласи дека состанок како денешниот со директорите на Фондот и голема група матични лекари,немало последните 7-8 години. Ја искористиле можноста да ги кажат сите проблеми со кои се соочуваат и очекуваат од следната година многу од нив да бидат решени.