Skip to main content
Македонија

Веројатно знаат како се испраќаат официјални барања за лидерска средба, нека испратат, па ќе размислиме, велат од Влада

03/12/2024  13:35

Како Влада не ја гледаме објективноста на барањето за лидерска средба испратено преку медиумите. Сепак, нека го испратат барањето како што треба па ќе размислиме и ќе одлучиме – порача денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.

-Оваа Влада не работи за желбите на политичарите, туку исклучиво за интересите на граѓаните. Сосема е чудно зошто ова барање за лидерска средба доаѓа преку медиумите, се надеваме дека знаат како се испраќаат официјални барања за лидерска средба. Нека ги испратат, па ќе размислиме и ќе одлучиме – рече Митева во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Нагласи дека ако во минатото имавме влада која немаше капацитет да води политички дијалози, сега имаме Влада која и во рамки на извршната, но и во рамки на законодавната власт има капацитет да води такви политички дијалози.

Во одговор на прашање посочи дека вчерашната оставка на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева и она што го изнесе во јавноста го ценат како најсоодветно нешто што можеше да се случи после сите скандали.

-Негативните поени кои ги имавме како држава доаѓаа од непостапувањето на правосудството во целина и од огромниот број на скандали кои се случуваат таму. Она што значи информација за состојбите онакви какви што се, е информација за тоа дека ќе имаме навистина робусна борба против состојбите кои ги има во делот на правосудството и не го цениме како притисок – рече Митева.

Потврди дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање што беше предлог на Фискалниот совет и додаде дека прават се за да ја стабилизираат состојбата во Пензискиот фонд.

-Ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент она што го направивме е усогласување со покачувањето на пензиите од 5000 денари. Имаме активна методологија имаме закон по кој се работи. Како што гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот – рече Митева.

Одговарајќи на новинарско прашање изрази надеж дека ќе се стабилизира состојбата во ЈСП Скопје и дека од јавното градско претпријатие ќе обезбедат нафта за нормално продолжување со работата.

-Денеска е последниот рок на тендерот на ЈСП Скопје за набавка на нафта за следните две години. Да видиме какви ќе бидат состојбите за да не давам одговор од аспект на хипотетичка ситуација. Факт е дека не може претпријатието да функционира постојано на ваков начин на кој функционира. Се надеваме дека ќе се консолидираат и дека ќе размислуваат за доброто на граѓаните, а не за други цели и интерес – истакна Митева.