Основното јавно обвинителство Велес поведе предистражна постапка за ученичко насилство во велешко училиште. Во постапката се преземаат повеќе дејствија за овој случај од страна на повеќе лица и институции, соопшти ОЈО-Велес.
Цветанка Боговеска, јавна обвинителка за подрачјето на Општина Велес, денеска изјави дека полицијата во петокот, 6 декември, во Јавното обвинителство Велес испратила известување за инцидент во кој врсник и соученик во ООУ „Блаже Конески“ претепал и тешко повредил 12-годишно дете.
Инцидентот се случил на 20 ноември во училиштето, кога за време на одмор, 12-годишниот ученик повредил врсник од одделениот и му нанел тешка повреда на главата.
Повредениот ученик од Општата болница во Велес бил итно пренесен на Клиниката за неврологија во Скопје, од каде по неколкудневно болнички престој, бил пуштен на домашно лекување.